Тетово, 17 јули 2019.

Се чисти локацијата наменета за пречистителна станица за отпадни води во Тетово

Вкупно 170,000 метри кубни отпад се ископува од локација во близина на селото Фалише во Тетово и се транспортира во Дрисла, како дел од подготовката на теренот на кој идната година треба да отпочне изградба на пречистителна станица за отпадни води со која ќе се надмине проблемот со загадување на регионот со индустриска и отпадна вода. Чистењето, одлагањето на отпадот во Дрисла и подготовката на теренот во Фалише е финансирано Владата на Република Северна Македонија и општина Тетово со 2,3 милиони евра, додека транспортот на отпадот во износ од 700,000 евра е финансиран од Норвешка во рамките на проектот Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија.

Поддршката од норвешката амбасада е обезбедена во рамките на компонентата за поддршка на инфраструктурни проекти за справување со долготрајни еколошки проблеми во помалку развиените региони во земјава.

„Денес во Норвешка во функција се ставени повеќе од 2,700 пречистителни станици кои покриваат околу 85% од населението. Затоа ја знаеме важноста на оваа поддршка за подготвување на теренот за градење на пречистителната станица во општина Тетово и значењето кое станицата ќе го има за локалните жители како и за економијата во овој регион“, изјави Геир Јохансен, прв секретар во Норвешката амбасада.

Чистењето на локацијата започна во март оваа година и се очекува да заврши во ноември. Досега се транспортирани околу 90,000 метри кубни отпад.

„Со изградбата на пречистителната станица ќе запре на сегашната пракса на испуштање на нетретирани отпадни води во реката Вардар што ќе доведе до подобрување на заштитата на животната средина и здравјето на населението во градот Тетово и подрачјата по текот на реката”, изјави градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.

Според заменик претседателот на владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, координацијата на странската помош и нејзиното рационално искористување е од клучно значење за инфраструктурните проекти од ваков обем.

„Како Национален координатор на странската помош во Република Северна Македонија, сакам да изразам искрено задоволство за успешноста на овој огромен и комплексен проект, на кој навистина на дело можеме да ги увидиме бенефитите и да ги почувствуваме перспективите од нашето приближување кон Европската Унија“, истакна Вицепремиерот Османи.

Според предвидената динамика за изведба на работите, следната година треба да отпочне изградбата на пречистителната станица за отпадни води, која ќе биде финансирана од фондовите на ЕУ во износ од 30 милиони евра.