Скопје, 29 јануари 2021.

Обука на стручната служба на Собранието на Република Северна Македонија за институциите на ЕУ

Покрај Владата, во процесот на пристапување во Европската Унија клучна улога има и Собранието, особено во делот на хармонизација на законодавството и транспонирање на правото на ЕУ. Покрај тоа, Собранието треба да обезбеди и следење на активностите за хармонизирање на законодавството од страна на владините тела. Во рамките на своите надлежности, а особено преку седниците, јавните расправи и други дебати, Собранието има и информативна улога, односно да го приближи процесот на ЕУ-интеграциите до граѓаните.

Токму затоа проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“ организираше обука за петнаесетина членови на стручната служба на Собранието на Република Северна Македонија. Обуката беше спроведена од страна на д-р Ирена Бојаџиевска, професор на Правниот факултет на Американ колеџ и искусен експерт за ЕУ, и м-р Петар Камчев, магистар по економија од Лондонската школа за економија со експертиза за финансии и финансиски импликцаии и ЕУ. 

Цел на обуката беше да се предочат надлежностите и функциите на институциите на ЕУ и процесите во рaмките на институциите во однос на процесот на интегрирање на Северна Македонија во ЕУ. Покрај тоа, членовите на стручната служба на Собранието имаа можност да се запознаат и со улогата и поврзаноста на таквите процеси со националните парламенти. Најголем акцент во предавањата беше даден на процесот на креирање на законодавството, улогата на Европскиот парламент, Европската комисија, Советот на Европска Унија (Европски совет и Совет на министри), Европскиот суд на правдата, како и улогата на Собранието во процесот на интеграција во ЕУ.

Оваа обука е дел од серијата обуки на членовите на Комисијата за европски прашања и стручната служба на Собранието на Република Северна Македонија за зајакнување на нивните капацитети за процесот на интергација во ЕУ коишто ќе се одвиваат сѐ до септември.