Скопје, 30 октомври 2020.

Усогласување на националното законодавство во областа на биогоривата

ЕУ постави цел од 10 % на употреба на обновливата енергија во транспортот за 2020 година и ја зголеми оваа цел на 14 % во 2030 година, при што напредните биогорива се пресметуваат двојно во остварувањето на целите. Во 2018 година, биогоривата учествуваа со 7,1 % во енергијата во областа на транспортот, а за 2019 година е предвиден пораст на 7,3 %. Со цел да го поддржи остварувањето на овие цели, Северна Македонија, како земја кандидатка, треба да ги прилагоди своите политики и да спроведе усогласување на законодавството.

На 30 октомври 2020 година, во рамките на прокетот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“ беше организирана кратка онлајн работилница на тема „Состојби и предизвици со биогоривата во Северна Македонија во поглед на подготовката на Законот за биогорива“. На работилницата присуствуваа претставници од надлежните институции и производителите на биогорива, како и претставници од Министерството за економија, како водечка институција за креирање политики во областа и главен партнер за оваа активност во рамки на проектот. Двата проекти ангажираа локални експерти (главен инженер за животна средина и правник), одржаа кратки презентации и информираа за видовите биогорива присутни во Северна Македонија и во светот, вклучувајќи ги најновите трендови, барањата согласно најновата Директива на ЕУ за промоција на обновливи извори на енергија кои се однесуваат на биогоривата, како и мерките за поддршка на зголемено производство и употреба на биогорива кои се воведуваат и спроведуваат низ целиот континент. Производителите на биогорива кои учествуваа на работилницата информираа за своите производствени капацитети и ги истакнаа проблемите со кои се соочуваат во пракса.
Оваа работилница беше организирана за да се овозможи размена на информации и рани консултации со засегнатите страни со цел подобро да се разберат предизвиците, како и да се приближат европските практики и искуства во оваа област. Долгоочекуваниот Закон за биогорива е во фаза на подготовка и се очекува да влезе во собраниска процедура во 2021 година, по завршувањето на консултативниот процес.