Скопје, 30 септември 2019.

Одржани три информативни сесии за повикот за доделување на грантови за граѓански организации и медиуми за проекти за ЕУ

Преку три информативни сесии одржани во Тетово, Битола и Скопје, јавниот повик за доделување на грантови за граѓански организации и медиуми во рамките на проектот Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија беше директно претставен пред околу 120 заинтересирани претставници на граѓански организации и медиуми. Претставници на проектот и на Секретаријатот за европски прашања ги презентираа приоритетите и критериумите за поднесување на апликации за проекти на граѓански организации и медиуми со цел да се поттикне нивното активно учество и вклученост во процесот на пристапување во ЕУ.

Јавниот повик има за цел да помогне во зголемување на инцијативите на граѓанските организации и медиумите да ги следат, да се залагаат и да учествуваат во активностите кои се поврзани со спроведување на клучни реформи поврзани со процесот на пристапување во ЕУ, обезбедување на добра законодавна рамка и развој на одржливи политики кои ќе бидат од корист на граѓаните.

Регистрираните граѓански организации и медиуми имаат можност да аплицираат за грантови до $40,000 во рамките на делот на повикот кој е наменет за поддршка на граѓански организации и грантови до $95,000 во рамките на делот кој е наменет за поддршка на медиуми. Предлог проектите треба да бидат со период на имплементација од осум до дванаесет месеци и да се достават до 30 октомври. Деталните критериуми и потребната документација за пријавување може да се најдат на веб страната на проектот nordiskapoddrska.org.mk.