Скопје, 19 ноември 2019.

Взаемното признавање на професионални квалификации – еден од клучните принципи на ЕУ

Околу дваесет претставници на институции и здруженија одржаа состанок на меѓу-секторско ниво, за да го дискутираат нивото на усогласеност на националната законодавна рамка за признавање на професионалните квалификации со соодветните Директиви 2005/36/EC и 2013/55/EU, како и потребата за ревидирање на списокот на регулирани професии. На состанокот беше презентиран и нацрт закон за взаемно признавање на професионални квалификации кој обезбедува решенија за подобрување на областа.

Анализата на моменталната ситуација, изготвена од г-ѓа Катаржина Мајхeр, национален координатор за транспозиција на ЕУ законодавство од Полска, ангажирана како експерт на проектот Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија, ги истакна главните правни недостатоци во Законот за признавање на професионални квалификации и понуди  практични препораки за промени во законот. Оваа анализа за правниот јаз на законските решенија, овозможи детален преглед на законските акти и правните документи кои треба да се променат за да се постигне целосна усогласеност со соодветните ЕУ директиви. Нацрт-законот е само почетна точка во транспонирање на ЕУ законодавството кој треба да го означи почетокот на сеопфатниот процес на признавање на професионалните квалификации. 

Во изминатиот период беа преземени многу чекори во однос на процесот на взаемно признавање на професионалните квалификации. Процесот продолжува со изготвување на нацрт закон, но тој ќе биде проследен со изготвување на подзаконски акти и акциски план за имплементација. Паралелно на овој процес, меѓу-секторското тело ќе продолжи да работи на списокот на регулирани професии на кој треба да се најдат над 300 професии. Иако граѓаните на Северна Македонија ќе може да го користат оваа право по полноправното членство во ЕУ, завршувањето на овој процес пред пристапувањето на ЕУ значително ќе ги зајакне државните институции и ќе го подобри квалитетот на системот за обука за одредени професии.

Взаемното признавање на професионалните квалификации е во суштината на главните принципи на Европската Унија. Овој процес ја дава рамката за искористување на основните слободи во заедничкиот пазар и слободата на движење на квалификуваните професионалци.