Хрватска, 16 ноември 2019.

Користење на регионалните искуства за интеграција во ЕУ

Тринаесет претставници од Секретаријатот за Европски прашања и Секретаријатот за законодавство на Република Северна Македонија беа на студиска посета во Хрватска, со цел да научат од хрватското искуство во однос на транспозиција на законодавството на ЕУ, како и да стекнат знаење за употребата на информациските платформи за координација на процесот. Состаноците и обуките со експертите во Хрватска беа организирани од Службата за споделување на знаење во рамките на Министерството за надворешни и Европски прашања на Република Хрватска.

За време на дводневната студиска посета, делегацијата, предводена од Државната Секретарка на Секретаријатот за Европски прашања г-ѓа Калинка Габер, се сретна со експерти од Хрватска за да разговараат за научените лекции во процесот на ЕУ интеграција, со специјален фокус на електронската платформа, креирана во 2007 година, која беше употребена за забрзување на процесот на хармонизација со ЕУ, преку интеграција и координација на сите релевантни државни институции во процесот. Информациската алатка покажа колку се корисни дигиталните алатки во процесот на хармонизација со законодавството на ЕУ и за воспоставување на подобра координација помеѓу националните институции. Вакво искуство е од голема вредност за институциите на Северна Македонија во подготвителната фаза на преговори со Европската Унија.

За време на студиската посета на Загреб, Државната Секретарка Габер се сретна и со нејзината колешка од Министерството за Надворешни и Европски прашања, г-ѓа Андреја Метелко Згомбиќ. Средбата имаше за цел да се разменат искуствата за моменталната политичка ситуација во ЕУ и во регионот, перспективите на Северна Македонија за отворање на преговорите, и за подготовката на Самитот на ЕУ и земјите од Западниот Балкан кој ќе се одржи во мај 2020 година за време на претседателството на Хрватска на Европската Унија. За време на состанокот, г-ѓа Метелко Згомбиќ потврди дека Република Хрватска останува искрен поддржувач на патот на нашата земја кон ЕУ.

Оваа посета беше организирана во согласност со проектниот Резултат 3: Поддршка на владината реформска агенда во процесот на пристапување, и поддршка на Секретаријатот за Европски прашања во утврдување и давање приоритет на техничката помош потребна за зајакнување на националните капацитети за ЕУ интеграција и насочување на експертизата во критичните реформски области во периодот на пристапување. Од април 2019 година институциите од Северна Македонија и Хрватска, преку проектот Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија, разменија искуства за теми поврзани со поглавјата 1, 23, 11 и 27 од пристапните преговори. Во шест наврати хрватските експерти, шефовите или членовите на поранешните преговарачки екипи за наведените поглавја ги споделија нивното искуство и знаење со нивните Македонски колеги.